Земјотресот во Кина зема 46 човечки животи, по 16 лица се уште се трага

Земјотресот што вчера ја потресе југозападната кинеска провинција Сечуан зема 46 човечки животи, а 50 луѓе се повредени.

Според последните информации објавени од кинескиот „Народен дневник“, 16 лица се водат како исчезнати.

Најтешко погодена од земјотресот со интензитет од 6,8 степени по Рихтеровата скала е областа Лудинг, на околу 200 километри оддалеченост од Ченгду, главниот град на провинцијата.

Потресот уништи куќи и предизвика лизгање на земјиште. Многу од улиците во засегнатото подрачје сè уште се блокирани од урнатини, а во прекин е снабдувањето со електрична енергија и вода, како и комуникациската мрежа.

Во тек е голема операција за пребарување и спасување, со илјадници вклучени во активностите.

Кинеската влада ја мобилизираа и војската да помогне во спасувањето и справувањето со последиците, за што е ангажирани и хеликоптери и беспилотни летала што пребаруваа од воздух. Употребена е и тешка механизација за расчистување на погодените области.

Кинеското Министерство за финансии и Владата на Сечуан обезбедија околу 7,2 милиони долари финансиска помош за настраданото подрачје.