Силуваното девојче во Приштина било жртва повеќе од една година

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља денеска соопшти дека првите информации покажуваат дека 11-годишното девојче, кое беше силувано во текот на јуни и август годинава, било силувано многу подолго – повеќе од една година.

Свечља на денешната конференција рече дека побарал од шефот на косовскиот полициски инспекторат (ПИК) како сведоци да бидат повикани сите полицајци инволвирани во овој случај за да се разјасни што се случило – пишува „Косев“.

Тој рече дека одговорните институции не ја заштитиле жртвата, но изрази уверување дека сите пропусти ќе бидат идентификувани, а одговорните ќе бидат казнети.

„Првите индиции или информации се дека оваа малолетничка е силувана повеќе од една година. Барањето го испратив директно до началникот на полицискиот инспекторат на Косово за да бидат повикани како сведоци сите инволвирани во овој случај, со цел институциите на Косово и јавноста да бидат соодветно информирани што се случило, што направиле институциите и што тие ќе направат. Исто така што поскоро да излеземе со наодите за овој исклучително тежок случај. Во овој случај се инволвирани Обвинителството, Центрите за социјална работа, полицијата или косовската агенција за форензика“ – рече министерот.

Тој додаде дека „сите досегашни информации ни говорат за последователните неуспеси на надлежните институции прво да го заштитат овој малолетник, а потоа да се идентификува што се случило, но и да се идентификуваат сторителите, кои, за жал, се уште не се уапсени“.

На 27 август 11-годишно девојче е откриено дека во период од седум часа било силувано од пет лица, од кои две возрасни и три малолетни. Подоцна беше откриено дека истото девојче било силувано и во јуни годинава. А сега, според Свечља, има информации дека таа била силувана повеќе од една година.