Лиз Трас е новата премиерка на Велика Британија

Велика Британија го доби наследникот на Борис Џонсон. Лиз Трас (47) е избрана за лидер на британската Конзервативна партија.

Министерката за надворешни работи ќе стане третата британска премиерка, по Тереза ​​Меј и Маргарет Тачер.

Трас и официјално ќе стане премиерка утре, откако Борис Џонсон ќе ѝ ја предаде власта на средбата со кралицата Елизабета Втора во нејзината резиденција во Балморал.

Џонсон беше принуден да поднесе оставка во јули откако и голем дел од неговата партија се сврте против него по серија скандали.

Преземајќи ја Велика Британија во периодот на општо незадоволство и рецесија, Трас вети дека брзо ќе реагира и дека во рок од една недела ќе излезе со план за справување со растечките трошоци за енергија. Долго време фаворитка во однос на својот ривал Риши Сунак, таа е четвртиот конзервативен премиер од изборите во 2015.

Трас, која е мајка на две малолетни ќерки, првпат беше избрана во британскиот парламент во 2010. Само две години подоцна влезе и во владата како министерка за образование, а во 2014 беше промовирана во министерка за животна средина.

Во прв момент не го поддржуваше Брегзит, но потоа го смени мислењето. Во кабинетот на Тереза Меј беше министерка за правда, а Џонсон прво ја назначи за министерка за меѓународна трговија.