Дмитриј Песков – портпаролот на Кремљ вели дека денешниот напад врз руската амбасада во Кабул е терористички напад.
„Најостро ги осудуваме ваквите терористички акти“, рече Песков.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров рече дека се зајакнати мерките за заштита на руската амбасада во Кабул, а објектот, меѓу другото, ќе го обезбедуваат дополнителни сили.
„Веднаш беа преземени мерки за зајакнување на заштитата на надворешниот радиус, вклучени се дополнителни сили на талибанските власти и разузнавачките и контраразузнавачките служби на Авганистан“, рече Лавров.
Најмалку осум лица загинаа во експлозија во близина на руската амбасада во Кабул, јавува Ал Џезира повикувајќи се на извор од авганистанската полиција. Според медиумот, повредени се најмалку 15 лица.
Руското Министерство за надворешни работи потврди дека во експлозијата загинале двајца вработени во руската амбасада во Кабул. Како што се наведува, меѓу жртвите има и авганистански цивили, пренесува РИА Новости.