Обвинетите за убиството на Тот не се чувствуваат виновни

Обвинителката во случајот со убиството на Денис Тот, Тања Трајчевска денеска на првото судско рочиште презентираше дека расправијата на тројцата обвинети и хрватскиот ракометар започнала во такси, по што продолжила надвор од возилото кога Хрватот добил повеќе удари, тупаници и клоци, додека тој лежел на асфалтот.

Убиството на 27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот што се случи на 7 април годинава пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје. Тројцата обвинети Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19) од притвор со полиција беа спроведени во судница, го слушнаа обвинението што го презентираше обвинителката и рекоа дека го разбираат, но не се чувствуваат виновни.

„За кривичното дело и обвинителниот акт што ми се ставаат на товар, не се чувствувам виновен” – рече обвинетиот Ѓоргиевски. Слично се произнесоа и другите обвинети.

Сите заедно се товарат за делото убиство, за кое е предвидена затворска казна од најмалку 5 години затвор.

Обвинителката Трајчевска опиша што се случувало кобната ноќ пред ноќниот клуб во Скопје.

„Оштетениот од задната лева врата од возилото влегол во таксито и откако во возилото настанала кратка расправија, прво Андреј излегол од предната врата, дошол до оштетениот кој бил во возилото и започнал да го влече за левата рака со намера да го извади од возилото. Откако оштетениот излегол надвор, започнала вербална расправија по која Андреј се оддалечил и застанал до предната десна врата на возилото, по што обвинетата Клементина излегла од задната лева врата на возилото и прво започнала да го турка оштетениот со двете раце по градите“ – раскажа обвинителката.

Во тој момент, според Обвинителството, од таксито излегол и обвинетиот Анџело кој ја оттргна Клементина од Тот и го удрил прво со десната рака со тупаница на левата страна на главата, а потоа му удрил уште една тупаница со левата рака во пределот на десната страна на главата.

„Оштетениот паднал на асфалтот и, додека лежел, Андреј му се приближил и го удрил со нога во пределот на телото, а потоа и Клементина со нога го удрила по главата, при што обвинетиот Анџело ја оттргна од оштетениот, но таа повторно дошла и со десната нога во два наврати го удрила во пределот на главата. Обвинетиот Андреј со тупаница го удрил во пределот на главата“ – рече Трајчевска.

Анџело и Клементина, според описот на обвинителката, влегле во таксито со намера да си одат, но девојката повторно излегла од возилото и го удрила со нога во пределот на градите.

Од ударите, рече Трајчевска, Тот се здобил со тешки повреди, поради кои паднал во коматозна состојба. Кај него било констатирано нагмечување на мозокот, дошло до нарушување и прекин на активност на мозочните неврони, што веќе во 11:40 часот на 8 април резултирало со смрт на ракометарот.

Обвинителството располага со докази меѓу кои се и две це-деа со снимки од безбедносните камери на кои се гледа целиот настан, како и медицинска документација, облеката на Тот, вештачење на телефоните на обвинетите.

На следното рочиште кое ќе е на 14 овој месец и обвинетите кои не признаа вина, заедно со нивните адвокати, треба да дадат воведни зборови, а се очекува да бидат испитани и неколку сведоци.