Се навршуваат 13 години од трагедијата на Охридското Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 туристи од Бугарија.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година, во 10.30 часот.
Таа сабота времето беше топло, езерото мирно и ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на ова езеро.
Бродот „Илинден“ превезуваше 57 патници од Охрид за Свети Наум, а како последица на механички дефект, претовареност и паника, се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четири на Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Во чест на загинатите поставен е споменик во паркот кај каналот Студенчишта.