Димитриевски: Немам разговарано со Црвенковски околу новиот политички субјект

Максим Димитриевски – градоначалникот на општина Куманово кој беше исклучен од СДСМ откако наспроти партиската одлука, настапи самостојно на локалните избори лани и освои нов градоначалнички мандат, веќе извесно време најавува формирање граѓанско здружение кое ќе дејствува политички.

„Се уште не е дефинирано, доаѓаат голем број идеи и иницијативи. Имаме контакт со голем број на луѓе. Нашата иницијатива „За наше Куманово“ веќе даде резултат. Тоа што ќе се формира ќе биде граѓанско здружение за граѓаните“ рече Димитриевски околу формирањето на нов политички субјект.

За информациите дека Димитриевски е во контакт со екс-претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, кумановскиот градоначалник рече:

„Иако излезе во јавноста дека Црвенковски е вклучен во иницијативата, јас со господинот, кој многу го почитувам, немам разговарано на оваа тема. Иницијативата е отворена за сите. Првично позициите во новата политичка гарнитура ќе ги носат луѓе од образованието, бизнис фелата, образованието, земјоделството, луѓе кои претходно не вршеле политичка функција. Доколку сега излеземе со понуда, ќе излеземе како боксерка вреќа. Овој начин што го работиме во Куманово привлекува внимание. Кога ќе дојде време, ќе ги објавиме деталите“.

За евентуалните уставни измени, Димитриевски со став:

„Уставот не е тефтер што се пишува или препишува секој ден. Сепак треба да постои реципроцитет. Што се однесува до прашањето за референдум, тоа мислам е завршена работа“.