Матичните лекари од утре почнуваат тридневен штрајк

Матичните лекари од утре почнуваат тридневен штрајк. Тие ќе бидат во нивните ординации, но нема да издаваат упати и рецепти, ќе ги прегледуваат само итните пациенти.

Нивните главни барања се зголемување на капитациониот бод, односно повеќе пари од државата поради високата инфлација и пациентите да се водат на ординацијата, а не кај матичниот лекар.

„Замолуваме да ни кажат која е вистинската причина и зошто сме игнорирани, вака на ни еден матичен, специјалист од приватното здравство, за руралните, за лабораториите за целото приватно здравство 5 години никој не спомнува ништо. Последен пат сме спомнати во 2018 година кога со одлука на Влада беше покачен капитациониот бод. Ако има некоја друга позадина и причина колегите бараат да знаат и да си го бараат чарето“ – изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

Протестот не го подржуваат од Здружението на лекари по општа и семејна медицина. Оттаму велат дека дел од барањата кои заеднички ги креирале со ЗПЛРМ исчезнале.

Министерот за здравство пред неколку дена изјави дека не го подржува протестот на матичните бидејќи пациентите не смееле да трпат поради незадоволството на лекарите и повика проблемите да се решаваат на маса.