Предлог буџетот на Собранието за 2023 година ќе е 574 милиони денари
Буџетскиот совет на Собранието на денешната седница го утврди Предлог буџетот на Собранието за 2023 година во износ од 574 милини денари, со оценка дека тоа е во согласност со реалните потреби на законодавниот дом, а со цел навремено и квалитетно извршување на неговите надлежности.
Финансиската проекција за буџетот на Собранието за 2023 година е во функција на реализацијата на целите и приоритетите кои се утврдени со Стратешкиот план на законодавниот дом за периодот 2023 – 2027 година, и ќе биде доставен до Претседателот на Собранието и до Министерството за финансии.
Како што информира на седницата заменик генералниот секретар на Собранието – Мики Милковски, буџетот во 2022 година од предвидените 610 милиони денари со отстапување на дел од средствата со ребалансот беше намален за 20 милиони денари и изнесуваше 590 милиони денари, а овогодишното димензионирање на буџетот е помал за уште 16 милиони денари со што се прифатени определените средства од Министерството за финансии кои се намалени заради кризата.
Ставката во делот на плати за пратениците и вработените во службите во Парламентот е исто така намалена и наспроти 2022 кога изнесувала 247 милиони денари, сега се предвидени 232, што е за 15 милиони денари. Ваквото намалување се должи на движењето на кадарот, односно заминување на вработени од службите или нивно пензионирање.
Во контекст на енергетската криза во делот на комуналните услуги и греење предвидени се за три милиони денари помлаку средства од годинава, или вкупно 60 милиони денари. При тоа вкалкурирано е драстичното зголемување на цената на електричната енергија, но ги следат и препораките на Владата за штедење и во тек се мерки и активности за штедење на струјата.
– Собраниските служби изготвија предлог план којшто веќе почна да се спроведува во насока на заштеда на електрична енергија во Собранието. Сметките за електрична енергија навистина енормно се зголемени и ова е голема ставка од буџетот која зафаќа многу средства, заради тоа е планиран ваков износ којшто сметаме дека со штедење ќе биде доволен да се покрие наредната година, а доколку има потреба ќе има и ребаланс за што ќе се одлучува на седница на Буџетскиот совет, рече Милковски.
Во делот на капиталните инвестиции во 2023 година планирани се 15 милиони денари за реновирање на салите за седници на собраниските комисии.
Во однос на договорните услуги зголемување има кај ставката за осигурување на недвижноста, односно на зградата на Парламентот.