Двајца повредени по денешното невреме во Скопје, градоначалничката Арсовска со изјава: Сите екипи се на терен!

Градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска, раководеше со итниот теренски состанок на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, по силното невреме кое попладнево го зафати градот, со обилни врнежи од дожд, силен ветар и наноси на лисја и отпад и предизвика поплави на повеќе места низ градот. Во моментов, екипите интервенираат на повеќе од 30-тина локации каде има поплавувања по големото невреме.

„Сите екипи се мобилизирани и се на терен, меѓу кои и противпожарната бригада на градот Скопје, која со успешна интервенција успеа да спаси над 20 лица.Тимови составени од јавните претпријатија расчистуваат на терен и ќе останат се до целосно санирање на проблемите на критичните места и до нормализација на состојбата“ – рече Арсовска.

Силното време предизвика и материјални штети кои слоред Арсовска веќе се санираат.

Тв Сител информираше дека има двајца повредено по силното невреме кое попладнево го погоди главниот град. Двете лица се повредени од дрво кое паднало врз нивниот автомобил, додека бил во движење.

Тие во моментот се во добра здравствена состојба, пренесени се во скопските клиники.

Возилото останало заглавено под дрвото, па интевернирале службите на Противпожарната бригада и Итната медицинска помош.

Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов го соопшти видот на повредите.

„Најважно за нас што нема загинати, нема ниту посериозно повредени граѓани од денешното невреме. Повеќе од 30 дрва и неколку бандери паднаа во текот на невремето. Некои од нив предизвикаа прекин на сообраќајот. Но, имаме и неколку карактеристични случаи, кога дрво во Бутел падна врз возило во коешто имаше двајца граѓани коишто во овој момент, според информациите што ги имаме, се полесно повредени. Едниот има повреда на главата, другиот на раката и ногата“ вели Ангелов.

Во Чаир дрво паднало врз постара куќа. Причинета е поголема материјална штета, но во индицентот немало повредени.