Брнз: Земјата да продолжи со реформите дури и кога тие предизвикуваат политички поделби

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз порача земјава да продолжи со реформите дури и кога тиe предизвикуваат одредени политички поделби. Според неа, еден од најголемите предизвици со кои се соочува семјава е корупцијата која го поткопува доброто владеење и ја саботира економската конкурентност.

„Од независноста на Северна Македонија во 1991 година, САД ја поддржуваат вашата цел да станете демократска земја, која се заснова на владеење на правото и на еднакви можности за сите граѓани. Знаеме дека ова ќе биде предизвик зашто недостига одговорност, транспарентност. Сето тоа има потенцијал да ја одвлече Северна Македонија од патеката на нејзиниот напредок. Владините претставници мора да одговорат на овие предизвици, да ги исполнат очекувањата на јавноста и стандардите за членство во ЕУ. Ние ве поддржуваме да продолжите со овие реформи дури и кога тие предизвикуваат одредени политички поделби зашто силна, демократска и инклузивна Северна Македонија е столб за просперитетот на Западен Балкан“ – рече Брнз во обраќањето по потпишувањето на амандманот на Договорот за грант за партнерство во Министерството за финансии.

Таа потсети дека половина од поддршката на УСАИД преку Договорот за грант за партнерство за развој, се фокусира на борбата против корупцијата.

„Северна Македонија може да стане попросперитетна, добро управувана и поотпорна држава и затоа ќе продолжиме да ја даваме нашата поддршка, со нетрпение очекувајќи да видиме на кој начин ќе се врати оваа инвестиција“ рече амбасадорката.