Кина им се закани на САД: Стоп за продажба на оружје на Тајван!

Вашингтон мора да ја запре продажбата на оружје на Тајпеј, соопшти кинеската амбасада во САД
Кина ќе одговори со одлучни и цврсти мерки доколку Вашингтон ја продолжи својата воена соработка со Тајван, изјави во понеделникот портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон, Лиу Пенгжу.

Најавата дојде откако Политико објави дека администрацијата на Џо Бајден планира да побара од Конгресот да одобри продажба на оружје на островот во вредност од 1,1 милијарди долари.

Продажбата на американско оружје на Тајван е јасно кршење на политиката на една Кина и другите дипломатски договори постигнати меѓу САД и Кина, рече Лиу.

Таквите договори, исто така, ги охрабруваат сепаратистите и ги зголемуваат тензиите во Тајванскиот теснец, додаде портпаролот.

– Американската страна треба веднаш да ја прекине продажбата на оружје и воените контакти со Тајван – нагласи Лиу.

Тој додаде дека Кина ќе преземе решителни и цврсти активности за да го одбрани својот суверенитет и безбедносни интереси, пренесува RT.