Волстрит паѓа втор ден со ред
На Волстрит берзанските индекси паднаа втор трговски ден со ред, бидејќи инвеститорите и натаму се под впечатокот од острата реторика на претседателот на американската централна банка Federal Reserve (Fed), Џером Пауел, за инфлацијата и каматните стапки.
И на европските берзи во понеделникот цените на акциите паднаа, Франкфуртскиот индекс DAX се лизна за 0,61 отсто на 12.892 поени, парискиот CAC падна за 0,83 отсто на 6.222 поени, додека лондонската берза вчера не работеше поради празникот.
Во Њујорк индексот Dow Jones се лизна за 0,57 отсто на 32.058 поени, S&P 500 индексот падна за 0,67 проценти на 4.030 поени, додека индексот Nasdaq се намали за 1,02 отсто на 12.017 индексни поени.
Најголемиот дневен пад на S&P 500 индексот во два ипол месеци е последица на острата реторика на Пауел во петокот на конференцијата на централните банкари во Џексон Хол. Челникот на Fed тогаш порача дека извесно време ќе биде потребна остра монетарна политика за да се стави под контрола инфлацијата која е на највисокото ниво по повеќе од 40 години.
А тоа, како што рече, значи забавен економски раст, послаб пазар на трудот и „малку болка“ за граѓаните и за компаниите. Истакна и дека „нема брз лек“ против растот на цените.
Тоа на пазарот предизвика стравување дека Fed ќе ги зголеми каматните стапки повеќе отколку што се очекуваше и дека периодот на зголемени камати ќе потрае подолго отколку што се очекуваше. Fed од март ги подигна каматите за 2,25 процентни поени, а Пауел во петокот не навести за колку на седницата во септември би биле зголемени каматните стапки.