Балканскиот институт за култура и хуманистички науки од Скопје оваа година, по примерот на многу други јазици, го започна проектот „Збор на годината“ кој се засновува на материјал од комуникацијата на македонски јазик. Ова е прва ваква анализа која се однесува на македонскиот јазик, со оглед на тоа што досега не постоеше можност за нејзино реализирање, со оглед на фактот што досега не постоеја реални услови за вакво истражување.
Проектот го водеше д-р Емил Ниами, лингвист, кој со група помлади истражувачи во текот на пет недели, во периодот од 1 ноември (понеделник) до 5 декември (недела), извршија комплетно истражување на достапниот материјал.
„Ова е прв ваков проект во нашата земја, што беше особен предизвик за нас. Една ваква операција, освен што подразбира стручност, изискува и познавање на напредните технологии при истражувањето, како и познавање на новите методологии на анализа на податоци. Иако лично јас на почетокот бев скептичен дека ќе дојдеме до конечен резултат заснован на научно заснована анализа, сепак стручноста на истражувачите предводени од д-р Ниами доведе до посакуваната цел – го имаме зборот на годината“, вели Дарко Несторов извршен директор на Балканскиот институт за култура и хуманистички науки.
Она што е исклучително важно во еден ваков проект е дека при анализата на податоците се користени сите можни средства преку кои се пренесува информација на македонски јазик: од традиционалните – радио, телевизија, весници и списанија, преку поновите – Интернет портали, сè до социјалните мрежи кои најчесто се користат во земјава (Фејсбук, Твитер, Инстаграм) и печатените и електронските реклами.
„Откако ја проучивме и целосно ја совладавме методологијата на анализата, пристапивме кон истражувањето. Заедно со помладите колеги поминавме многу часови во читање и во слушање, а потоа и во анализа на материјалот. Она што е несомнено важно е дека изборот е направен според критериумот на актуелност на лексиката, односно во изборот не влегува таканаречената секојдневна лексика без која е невозможно постоењето, а исто така и личните имиња и кратенките. Општоприфатената методологија ја приспособивме на македонскиот јазик и неговиот лексичко-граматички строеж, па оттаму сме сигурни дека и добиените резултати се релевантни и научно засновани“, вели д-р Емил Ниами, раководител на проектот.
Според извршената анализа направена е и топ-листа на петте зборови во македонскиот јазик за 2021 година, која изгледа вака:
- Вакцинација
Мошне очекувано од страна на колективот што работеше на лингвистичката анализа овој збор се најде на првото место. Оваа лексема во текстовите, во информативните и во дебатните емисии, како и во Интернет-комуникацијата се среќава со дури пет пат поголема зачестеност. Секако, тука треба да ги посочиме и зборовите вакцина и вакцинален кои исто така мошне често се употребувале кај говорителите на македонскиот јазик во 2021 година.