По повеќе од пет часа, во Брисел заврши трилатералната средба на претставниците на ЕУ со Александар Вучиќ и Албин Курти. Серијата разговори почна утрово со одвоени средби на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, пренесува Танјуг.
Потоа почна трилатералната средба, а по паузата во зградата на ЕЕАС пристигна и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. По трилатералната средба во Брисел, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, на новинарите им соопшти дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, нема да ѝ се обрати на јавноста, туку тоа ќе го стори утре.
„Мислевме дека е можно да се постигне компромис. Никој од нашата делегација нема да дава изјави“, им рече Петковиќ на новинарите, пренесува Танјуг.
Тој додаде дека белградската делегација се борела за мир, стабилност, компромисни решенија, поради што, како што рече, претседателот Вучиќ извесно време ќе остане во Брисел.
„Претседателот Вучиќ утре ќе ѝ се обрати на јавноста по враќањето во Белград, и тоа ќе биде едно од неговите најзначајни обраќања до јавноста“, рече Петковиќ.
Како што пренесе претходно Нова.рс, разговорите не дале конкретни резултати, иако од нив зависи ситуацијата на теренот и атмосферата на Косово.
„Разговорите во моментов не даваат резултати. Двете страни се толку далеку од договор што прашање е дали воопшто ќе има некаков напредок“, вели изворот на Нова.рс,
Тој додал дека се надева оти за време на дводневниот престој на српската делегација во Брисел ќе има барем договор меѓу двете страни за смирување на тензиите на Косово. Неколку дена пред состанокот, Европската комисија објави дека мора да има дискусија за сите отворени прашања, нагласувајќи дека е најважно двете страни да престанат со непријателствата, со запалливи пораки и тензии и да се дејствуваат одговорно.