Тензиите околу Тајван повторно се зголемија откако Кина денеска одржа нови воени вежби околу островската земја во време кога Тајпеј го посети нова американска делегација составена од пет американски пратеници предводени од демократскиот сенатор Ед Марки од Масачусетс. Источната команда на Народноослободителната војска на Кина соопшти дека вежбите се „остро средство на одвраќање за Америка и Тајван кои продолжуваат да играат политички игри и го поткопуваат мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“.
Според најавите ппосетата на високата американска делегација предвудува средби со високи претставници на Тајпеј на кои би се разговарало за меѓусебните односи, регионалната безбедност, трговијата, инвестициите и други прашања.
Патувам во Тајван со двопартиска конгресна делегација за да ја потврдам американската поддршка за Тајван и да поттикнам стабилност и мир преку Тајванскиот теснец, напиша на „Твитер“ Ед Марки.
Пред две недели, токму посетата на Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, предизвика големо незадоволство во Пекинг по што земјата отпочна со големи воени вежби, а сопред пишувањата на кинеските медиуми Америка со повторување на провокациите не дозволува тензиите околу двете земји да се смират.
Тајван се отцепи од Кина по завршувањето на граѓанската војна и комунистичката револуција во 1949 година и поразот на националистичката партија Куоминтанг, која се засолни на островот, но Кина сè уште го смета за дел од својата територија. Пред три години кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Тајван природно и припаѓа на Кина и дека тој е дел од кинескиот сон за „Една Кина“.