Столтенберг: Србија е долгогодишен партнер на НАТО

Јенс Столтенберг – генералниот секретар на НАТО оцени дека Северноатлантската алијанса е долгорочен и близок партнер со Србија, оценувајќи дека партнерството се заснова на политички дијалог и практична соработка, со целосно почитување на државната политика на Србија за воена неутралност.

„Нашиот политички дијалог се манифестира на различни начини. Тоа ги вклучува моите контакти со претседателот Александар Вучиќ и другите политички лидери и редовните интеракции со српските колеги, вклучувајќи го и мојот заменик-помошник за политички прашања и безбедносна политика и шеф на Воената канцеларија за врски на НАТО во Белград. Тоа вклучува и добро воспоставени односи меѓу командантот на КФОР и српскиот началник на Генералштабот“ – изјави Столтенберг за „Вијести“.

Тој вели дека ваквите односи овозможуваат конструктивен дух и меѓусебно почитување „што треба да продолжи“.

Во врска со Косово, Столтенберг рече дека „неодамна разговарал со политичкото раководство во Приштина и Белград за тензиите на северот на Косово“.

„Сите страни мора да останат смирени, да избегнуваат еднострани дејствија и конструктивно да се вклучат во дијалог, со посредство на Европската унија. Во согласност со мандатот на ОН, мисијата на КФОР внимателно ја следи ситуацијата и е подготвена да интервенира доколку е загрозена стабилноста“ рече тој.