Ѕвездата на Јунајтед, Рајан Гигс во исто време бил во врска со 9 жени

Рајан Гигс – фудбалската легенда на Манчестер Јунајтед истовремено бил во врска со 9 жени, откри пред судот Кејт Гревил која го обвини за напад и нанесување телесни повреди во ноември 2020 година.

Пред Кралскиот суд во Манчестер, таа изјавила дека тоа е причината што одлучила да го остави.

„Она што го најдов на неговиот ајпод беше полошо отколку што можев да замислам. Имаше афери со други осум жени додека беше со мене. Тоа биле сериозни врски“ – изјавила Гревил.

Гигс е обвинет дека на 1 ноември 2020 година ја нападнал Кејт и ѝ нанел телесни повреди во неговата куќа во Ворси, во Манчестер.

Поранешниот фудбалер ги негираше сите обвиненија, но кога излезе скандалот и беше даден на суд, отстапи од селекторската функција во велшката репрезентација за таа да има мир при подготовките за Светското првенство во Катар.

Во 2016 година беше откриено дека тој 8 години бил во тајна врска со сопругата на неговиот брат, а таа откри дека го абортирала детето на Рајан, неколку недели пред да се омажи за Родри Гигс.