Тајван почна со најавените воени вежби

Тајван ги почна најавените артилериски вежби во исто време кога во водите околу островот воени вежби спроведува нивниот сосед Кина во услови на тензии меѓу двете земји кои пораснаа особено откако Претседателката на претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси го посети Тајпеј.

Артилериските вежби беа најавени на крајот на јули, а целта е да се симулира одбрана од евентуален напад на кинеските вооружени сили.

Министерството за надворешни работи на Тајван ја критикуваше одлуката на Кина да ги продолжи своите воени вежби во близина на нивната земја кои првично требаше да завршат во неделата.

Тајванскиот министер за надворешни работи кажа денес дека Кина ги користи воени вежби кои почнаа по посетата на шефицата на долниот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси како изговор за подготовка на инвазија на Тајван. Џозеф Ву, кој не даде временска рамка за можната инвазија, кажа дека Тајван нема да биде заплашен без оглед на продолжувањето на воените маневри и преминувањето на неофицијалната линија на раздвојување во Тајванскиот теснец.

„Кина ги користи воените вежби за да подготви инвазија на Тајван’, кажа Ву, истакнувајќи дека Кина не само што спроведува сеопфатни воени вежби и лансира проектили, туку спроведува и сајбер напади, користи дезинформации и економски притисоци за да го ослаби морал на јавноста на Тајван.

Откако ќе завршат вежбите, смета Ву, Кина би можела рутински да го продолжи своето постапување за да го наруши статусот кво на другата страна на Тајванскиот теснец. Ву оценува дека тие потези ѝ се закануваат на регионалната безбедност и покажуваат дека Кина има геостратегиски амбиции кои одат подалеку од Тајван.

Кина никогаш не ја исклучи можноста за враќање на Тајван со сила, а портпаролот на министерството за надворешни работи Ванг Венбин во понеделникот кажа дека Кина спроведува нормални воени вежби „во своите води“ на отворен транспарентен и професионален начин, додавајќи дека Тајван е дел од Кина.

Портпаролот на кинеското министерство за одбрана Ву Џијан вчера кажа дека вежбите се „неопходно предупредување“ до Соединетите Американски Држави и Тајван, опишувајќи ги како „целосно разумен и соодветен одговор“ на нивните „неодамнешни провокации“.