„Кина подготвува инвазија“ – предупредува Тајван

Џозеф Ву – тајванскиот министер за надворешни работи изјави дека Кина ги користи воените вежби што ги започна во знак на протест против посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, како оправдување за подготовката за инвазија на самоуправниот остров.

Ву на прес-конференција во Тајпеј рече дека Тајван, за кој Кина тврди дека е дел од нејзината територија, нема да биде заплашен дури и кога кинеските маневри продолжуваат и Кина често ја нарушува неофицијалната линија за одвојување во Тајванскиот теснец.

„Кина ги користи овие вежби за да подготви инвазија на Тајван“, рече Ву, барајќи меѓународна поддршка за заштита на „мирот и стабилноста низ Тајванскиот теснец“.

„Кина спроведува големи воени вежби, лансирање проектили, како и сајбер напади, кампања за дезинформации и економска принуда во обид да го ослаби јавниот морал во Тајван“, смета тој.

Ву зборуваше додека воените тензии тлееја откако во неделата запреа најголемите маневри на Кина околу островот – вежби кои вклучуваат лансирање балистички ракети и симулирани напади на небото и морињата околу Тајван.