Повеќе од 80.000 туристи останаа заглавени во популарно кинеско одморалиште откако властите воведоа карантин поради новиот бран на коронавирус, пишува „Би-би-си“.
Вчера биле откажани сите летови и патувања со воз од градот Сања, кој го нарекуваат и „кинески Хаваи“ откако за еден ден таму биле потврдени 263 позитивни случаи.
Патниците сега мора да прикажат пет негативни резултати од PCR тестот во рок од седум дена пред да им биде дозволено да тргнат.
Кинезите сè уште спроведуваат стратегија за коронавирус со нулта стапка. Според податоците од Универзитетот Џонс Хопкинс, Кина забележала помалку од 15.000 смртни случаи од Ковид од почетокот на пандемијата.
И покрај ова, постои загриженост за влијанието на екстремно строгите правила врз економијата, вклучувајќи масовно тестирање на жителите и локални блокади на цели градови или региони. Ограничувањата дојдоа во екот на туристичката сезона за Сања, град на јужниот остров Хаинан, популарна дестинација за сурферите.
АФП пишува дека таму се уште се достапни основните услуги, што значи дека супермаркетите и аптеките се отворени, но од минатата недела сите места за забава се затворени. Властите најавија дека ќе бараат од хотелите да им понудат на гостите попуст од 50 отсто додека не се отстранат ограничувањата.
Сања не е единствениот кинески град што е затворен во последните месеци. Околу еден милион жители кои живеат во предградијата на Вухан, градот во централна Кина каде за прв пат беше пријавен Ковид-19, се соочија со нови мерки минатиот месец откако таму беа потврдени четири асимптоматски случаи на коронавирус.