Утре во Тирана протест за настраданата Јонада: Не ја уби чамец, туку државата!

За утре пред Министерството за внатрешни работи во Тирана закажан е уште еден протест.

На првиот протест, во четвртокот вечерта илјадници граѓани се приклучија во знак на револт за она што се случи во Потам, кај приморското градче Химара, каде 7-годишното девојче Јонада Авдија загина од чамецот што го управуваше полицаецот Арјан Тасе.

Инцидентот се случи на 2. август во забранета зона за пловни средства, додека девојчето заедно со татко му пливале на петнаесетина метри од брегот.

Семејството Авдија, кое дваесеттина години живеело во Велика Британија во родната земја било дојдено на одмор.

На протестот во четвртокот, што се одржа под мотото „Не ја уби чамец, туку државата”, беше побарано заминување на ресорните министри, за кои се смета дека недоволно воделе грижа за безбедноста на крајбрежјето и оти со правилна примена на законот од нивните подредени трагичниот инцидент би се избегнал.

Од почетокот на туристичката сезона регистрирани се повеќе инциденти со чамци кои се движат покрај плажите.

И утрешниот протест го организира граѓанскиот сектор, повторно поддржан од опозицијата, која повика на масовност.