Мијалков доби одложување на казната, во затворот во Струга наместо утре ќе влезе за две недели

Иако поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков утре требаше да се јави на издржување на казната затвор од три години во струшкиот затвор, сепак тој до надлежниот охридски суд побарал одложување на издржувањето на казната, а судот го прифатил барањето, но не целосно.

Според информациите на ТВ24, судијата му дозволил да го одложи влегувањето во струшкиот затвор, но само на две недели.

По две недели Мијалков ќе мора да се пријави во затворот откако неодамна „стана охриѓанец“ за затворската казна, по примерот на Орце Камчев, да ја одлежува во Струга.

Информациите се дека откако ќе почне да ја издржува казната затвор, третманот на Мијалков ќе биде ист како и за другите затвореници во струшкото отворено одделение. Затворот таму е од отворен тип и не постојат посебни одделенија како што има во другите затвори.

Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал за случајот „Империја“. Освен затворската, има и парична казна во износ од 6 милиони евра, а му беше одземен и дел од имотот вреден околу 30 милиони евра.