На влез во Косово приведена Русинка осомничена дека соработува со тајните служби

Џељаљ Свечља – министерот за внатрешни работи на Косово информираше дека при влез од Србија на граничен премин во северно Косово, е приведена руската државјанка Дарија Асламова, за која, според него, има информации дека е соработник на руските разузнавачки служби.

Тој на Фејсбук тврди дека за разузнавачките и пропагандни активности на Асламова за потребите на руските тајни служби, постојат многу докази и потврди од повеќе држави, во кои веќе ѝ е забранет влезот.

Според него, своите дејствија, настапувајќи како новинарка, Асламова ги врши и во моментов, а меѓу последните места каде што е забележана е Украина, каде што активно се вклучила во војната вршејќи пропаганда.

„Надлежните во Република Косово од претходно имаат сознанија за нејзиното дејствување, но и во некои држави ѝ е забранет влезот поради истата причина. Во овој случај таа е приведена и продолжува работата на соодветните служби до разобличувањето на нејзините намери. Нагласуваме дека таа се обидува да влезе во Косово една недела по тензиите предизвикани од криминалните структури на север и истиот ден кога истите структури, кои се оркестрирани од Вучиќ, испукаа десет куршуми кон нашите полициски службеници. Нејзиниот обид да влезе во нашата земја не само што соодветствува со настаните на северот, туку ги потврдува јасно врските со руската пропаганда на која веќе ѝ се приклучи Србија и кои имаат за цел дестабилизација на нашата земја“ – напиша Свечља.