Зеленски: Русите двапати ја погодија нуклеарната централа „Запорожје“, најголемата на нашиот континент

Претседателот на Украина – Володимир Зеленски изјави дека Русија мора „да сноси одговорност“ за „актите на терор“ во украинската нуклеарна централа Запорожје, која беше окупирана од руската војска и беше цел на напад за кој Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат.

„Денес окупаторите создадоа уште една многу ризична ситуација за цела Европа: двапати ја погодија нуклеарната централа Запорожје, најголемата на нашиот континент“ рече Зеленски во видео обраќање.

„Секое бомбардирање на оваа локација е бесрамно злосторство, акт на терор. Русија мора да сноси одговорност за создавање закана за нуклеарната централа“ – рече тој.

Во нападот на нуклеарната централа оштетени се високонапонски водови, поради што еден од реакторите е исклучен.

МААЕ во вторникот предупреди дека ситуацијата во нуклеарната централа е нестабилна и „секој ден се поопасна“.