Една од причините за нетрпеливоста и медиумското препукување помеѓу директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, и обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска е и поради Беса Транс.
„СДК“ тврди дека Русковска по анонимна пријава обезбедила судска наредбаза проверка во Управата за финансиска полиција за станицата во која што бил извршен технички преглед на автобусот на „Беса Транс“ што изгоре во Бугарија автобуската несреќа на 23 ноември лани кога загинаа 45 луѓе.
Тимот обвинители и истражители претходно обезбедиле документација од најмалку четири институции од локалната и од извршната власт за нерегуларности во работењето на Беса Транс, но биле потребни и документи од Финансиската полиција во врска со оваа станица за технички преглед. Од околу 300 предмети кои ги бара обвинителството, дадени се само 30-тина од финансиска полиција. Муареми најави дека ќе поднесе кривични пријави за обвинителите, а Русковска ја пријави кај државниот обвинител Љубомир Јовески и во Советот на јавни обвинители.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија реагираше на текстот „Претресот во Финансиската полиција бил по пријава во врска со ‘Беса транс’“, објавен на порталот и демантира дека претресот во Финансовата полиција бил во врска со несреќата во Бугарија.
„Во барањето и обезбедената наредба за претрес во Управата за финансиска полиција е наведен предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција заради кој се спроведува претресот. Тој предмет нема никаква поврзаност со трагичната автобуска несреќа во Република Бугарија. Предметот за автобуската несреќа во целост го водеа истражните органи на Република Бугарија, а Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапуваше по меѓународна правна помош упатена од Обвинителството на Република Бугарија. Работата на компанијата ‘Беса транс’ се проверува во посебен предмет по кој постапува надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје“, се вели во демантот на ЈОРСМ.