Белата куќа ја повика Русија да ја прифати понудата за размена на затвореници

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер ја повика Русија да ja прифати „сериознаta понуда“ за размена на затвореници, за да ја врати осудената кошаркарка Бритни Гринер во САД.

„Имавме сериозна понуда да ги вратиме неа и Пол Вилан (осуден за шпионажа). Ја повикуваме Русија да ја прифати оваа понуда“, рече Жан-Пјер. Белата куќа ја осуди вчерашната пресуда на судот во Химки, со кој Гринер е осудена на девет години затвор за поседување и шверц на дрога.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби изјави дека државниот секретар Ентони Блинкен најверојатно ќе се обиде да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на состанокот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Камбоџа.

„Доколку не се сретнат никаде, сигурен сум дека Блинкен ќе се обиде да иницира комуникација за тоа“, изјави Кирби. Гринер, двократна освојувачка на златен олимписки медал, беше уапсена на московскиот аеродром Шереметјево на 17 февруари со вап-капсули што содржеле масло од хашиш во нејзиниот багаж. Оваа 31-годишна кошаркарка на судењето ја призна вината, но нагласи дека немала намера да направи кривично дело.