Македонски туристи во Грција избркани од хотел, агенцијата не платила целосно за аранжманите

Хотелот „Геракини Ситониа вилиџ“ денеска им го прекинал одморот на 10 македонски семејства со деца, поради нерасчистени сметки со туристичката агенција преку која патувале, велат дел од револтираните туристи.

Семејствата имале уплатено цел престој во „ЈК Травел“, а агенцијата целосно не ги уплатила парите на хотелот. Вечерва луѓето со мали деца се пред хотелот и немаат каде да ја поминат ноќта.

„Оставени сме на улица околу 40 луѓе. Исто така на доаѓање две семејства со мали деца беа оставени една ноќ сами да се снаоѓаат на улица поради нерегуларна работа на агенцијата ЈК Травел“, велат туристите од Македонија.

„Добивме известување утре да го напуштиме хотелот, а имаме платено до недела. Уште првиот ден имавме проблеми, некои од семејствата немаа сместување и сите беа оставени ноќта да се снаоѓаат на улица затоа што агенцијата „ЈК Травел“ нерегуларно работи. Тука сме 12 семејства, односно околу 50-тина луѓе, меѓу нив и 20-тина деца“, вели Аце Стојковски, еден од туристите измамени од агенцијата.

Стојковски додава дека стапиле во контакт со агенцијата, но оттаму се однесувале како сè да е во ред и не знаеле зошто имало проблем бидејќи наводно имале испратено уредна листа со гости во хотелот.

„Не им се откажани аранжманите. Се работи за недоразбирање. Туристите ќе спијат во хотелот не само вечерва туку до крајот на одморот до недела. Никој не беше исфрлен туку таква порака добиле од менаџментот на хотелот. Повторувам се работи за недоразбирање. – велат од „ЈК травел“.