Групата седум најразвиени светски економии Г7 ги разгледува плановите за блокирање на транспортот на руска нафта, доколку не постигне договор за воспоставување на ценовен лимит, за да го лиши Кремљ од големите приходи по инвазијата на Украина.
Во соопштението објавено од министрите за надворешни работи на Г7, тие информираа дека ги разгледуваат потенцијалните методи за забрана на движењето на руската сурова нафта и нафтени деривати преку море на глобално ниво, освен ако нафтата не е купена по или пониска цена договорена со меѓународните партнери.
„При разгледување на оваа и другите опции, ние ќе ги разгледаме и механизмите за ублажување заедно со нашите рестриктивни мерки за да обезбедиме најранливите и погодените земји да го задржат пристапот до енергетските пазари, вклучително и од Русија“, се вели во заедничкото соопштение на министрите за надворешни работи на Г7, економски блок, кој се состои од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД.
Додека извозот на руската нафта го достигнува најниското ниво од минатиот август, приходот на Русија од извозот во јуни се зголеми за 700 милиони долари на месечно ниво поради повисоката цена – 40 отсто над минатогодишниот просек – соопшти минатиот месец Меѓународната агенција за енергетика. Западните лидери предложија да се реши тоа преку ограничување на цената на нафтата за да се ограничи колку рафинериите и трговците можат да платат за руската сурова нафта – потег што Москва вели дека нема да се придржува и може да го спречи со испорака на нафта до држави кои не го почитуваат плафонот на цената.