![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2022/08/80280000-c0a8-0242-9b9a-08da73c34ef4_w1023_r1_s-750x430.jpg)
Еден ден по смирувањето на тензиите на северот на Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград се сретна со рускиот амбасадор Александар Бочан-Харченко при што двајцата ја обвинија Приштина за тензиите. Људмила Цветковиќ
Рускиот амбасадор, како што се наведува во соопштението на Кабинетот на Вучиќ, го повторил ставот на официјална Москва дека постапките на Приштина се неодговорни и дека треба да се спречи секоја можност за ескалација. Не е соопштено дали Вучиќ се сретнал и со амбасадорите на Европската унија или на САД.
Тензиите на северот на Косово настанаа откако локалните Срби поставија барикади на патиштата. Во претходните денови Русија испрати пораки за поддршка на Србија, на што Белград одговори со благодарност.
Зијад Беќировиќ, директор на Институтот за блискоисточни и балкански студии во Љубљана, за РСЕ вели дека руската употреба на Косово станала уште поизразена по руската инвазија врз соседна Украина.
Тој оценува дека Русија го покажува своето мислење јавно затоа што сака да се покаже како важен актер во меѓународните односи.
„Косово доаѓа и како идеална можност да ги изрази својот интерес и својата сила што ја има во одредени земји или кај одредени политички лидери“, вели Беќировиќ. Тој смета и дека благодарноста на Вучиќ до Русија доаѓа поради проруското јавно мислење во Србија.
Според истражувањата на јавното мислење, најпопуларен од светските лидери во Србија е рускиот претседател Владимир Путин.