Битиќи: Пост ковид периодот е шанса да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен

„Пост ковид периодот е шанса да ја унапредиме уште повеќе нашата соработка, да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен, а не да создаваме меѓусебна конкуренција помеѓу земјите од Западен Балкан“. Ова денеска го порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на трилатералниот состанок во Скопје на тема „Придонес за развој на социо-економските односи помеѓу Република Турција, Република Северна Македонија и Република Косово“.

„Регионалната соработка е есенцијална за понатамошниот напредок на економиите и општествата на нашите земји. Токму затоа, го поздравувам денешниов трилатерален состанок и поддржувам дијалогот да остане отворен и да се унапредува. Ме радува што и во Турција и во Косово, Република Северна Македонија има традиционално добри трговски партнери. Република Турција е седми по вредност трговски партнер на нашата земја, додека Косово е рангиран како 10-ти најдобар трговски партнер“ – рече Битиќи.

Тој нагласи дека растот на меѓусебната трговија, извозот и увозот меѓу трите земји покажа дека се враќаме на патеките на соработка пред пандемијата.

„Ако овие две тешки години на нешто не научија, тоа е важноста на блиската соработка и пријателското излегување пресрет на потребите на другиот, но и важноста на достапноста на материјали, стоки, услуги и луѓе. За мене, „near shoringot“ е предноста на нашиот регион, развивањето на вредносните ланци е нашиот потенцијал и предноста која ќе не извлече напред, надвор од оваа криза“ – рече Битиќи.