Кристијан Стаменов е нов в.д. директор на ЗОО–Скопје, Тина Мицковска негова заменичка

Скопската градоначалничка – Данела Арсовска денеска го назначи Кристијан Стаменов за нов в.д. директор на „Зоолошка градина“ – Скопје.

„Покрај Стаменов, Тина Мицковска од денеска е прв соработник и заменичка на новиот директор на ЗОО. Мицковска претходно беше задолжена за односи со јавноста на Зоолошката градина“ – информираат од Град Скопје.

Стаменов е вработен во Зоолошката градина во Скопје од 2011 година, на работна позиција самостоен ЗОО негувател. Тој е дипломиран економист во областа на маркетинг менаџмент.

„Главни проекти на кои ќе се насочи новото раководство на Зоолошката градина во Скопје се ревитализирање на сите надворешни живеалишта, изведба на центар за хипорехабилитација на местото на градскиот пајтон, ставање во функција на мултинаменскиот центар со цел едукација на деца од претшколска и школска возраст како и изградба на детски парк. Зоолошката градина во Скопје во соработка со Град Скопје ќе работи и на поставување на обновливи извори на енергија на сите објекти во зоолошката градина“ – информираат од Град Скопје.

Вчера, Ѓорѓи Галетановски преку ФБ информираше дека поднесува оставка од функцијата директор на ЗОО.