Чествување на државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката во Скопје под покровителство на претседателот Пендаровски

По повод чествувањето на државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, утре – 2 август 2022 година, вторник, во Скопје, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски предвидени се повеќе активности.

Програма:

· Во 08:00 часот, претседателот Пендаровски ќе положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски, и на гробот на претседателот Борис Трајковски.

· Со почеток во 09:00 часот, на платото во Кабинетот на претседателот ќе се одржи централна манифестација, на која ќе се обрати претседателот Пендаровски и ќе бидат доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно ќе биде одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество.

Со Орден за воени заслуги, постхумно ќе биде одликувана Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.

Со Медал за храброст ќе бидат одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева. Осуммината се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба, што се согледува низ нивните карактеристики, а и низ карактеристиките на голем број генерации борци, кои не ги штедеа своите животи за слободата, втемелувајќи ги основните насоки за градење на државата.