Во пресрет на престојната зима за која се вели дека ќе биде најтешка во последните децении, надлежните институции уверуваат дека ќе има доволни количини на јаглен и мазут за домашните енергетски капацитети да можат да ја произведат потребната електрична енергија. Навреме се очекува да почне и грејната сезона во Скопје каде треба да се избере нов економски оператор по одземањето на лиценцата на БЕГ, а од август поскапи за 14,18 проценти ќе бидат сметките за парно греење.
ЕСМ, како што изјави генералниот директор Васко Ковачевски во средата по состанокот со Македонската енергетска асоцијација, веќе ги набавува потребните енергенси и го зголемува сопствениот ископ на јаглен со цел да го максимизира производството на електрична енергија. Приоритет ќе биде да се обезбеди електрична енергија за граѓаните, но и да се задоволат потребите на стопанството.
Првиот човек на ЕСМ е оптимист дека ќе има доволно јаглен за престојната зима, а во случај на целосен застој, за кој вели дека ниту се случил, ниту пак ќе се случи, на ископите има јаглен за околу десетина дена.
– Нашата обврска е околу 100 илјади тони секогаш да имаме резерви на јаглен. Тоа сликовито значи ако воопшто не се произведува јаглен и ако нема испорака, ќе имаме за 10-тина дена работа, но тоа никогаш не се случило, ниту пак ќе се случи, изјави Ковачевски во интервју за телевизија „Телма“.
Според него, резервите на јаглен на депониите се зголемуваат во есенскиот период и во октомври кога ќе почне грејната сезона треба да има меѓу 200 и 250 илјади тони јаглен коишто ќе гарантираат сигурно производство во текот на грејната сезона.