Расте бројот на позитивни случаи на Ковид 19, смртни случаи и хоспитализирани во македонските болници. Минатата недела позитивни биле над 40% од направените тестови, а регистрирани се и 12 починати пациенти, што е најголем број во овој бран кој започна во јуни.
Според извештаите од болниците на почетокот на седмицава биле хоспитализирани 136 лица, наспроти 40 само една недела претходно. Не се поштедени ниту оние кои веќе го прележале вирусот, па кај четвртина од новите случаи се работи за повторна инфекција.
Ординациите на матичните лекари се преполни со пациенти. Само во амбулантата на доктор Никола Панделиев кој е специјалист по семејна медицина, дневно доаѓаат по 40-тина лица со симптоми на ковид 19 или веќе потврден тест. Тој вели дека летово напливот на пациенти е голем, иако вообичаено треба да имаат помалку работа и пациенти со респираторни инфекции.
Иако Ковид 19 е предизвикан од респираторен вирус кој дава симптоми како кашлица, во новиот ковид бран многумина првично се пожалиле на стомачни тегоби и дијареа, за подоцна да се утврди дека се ковид позитивни, забележува Панделиев.
„Секоја покачена температура, секоја состојба на малаксаност, на болка во тело е е веќе суспектно дека се работи за ковид и можеби е паметно човек да се тестира и да види дали е или не е “, укажува докторот.
Сепак, растот на бројките ги отвори старите рани. Термините за тестирање на државно се тенчат. Во моментов во просек се чека по 5 дена за тест, или половина од времето за задолжителна изолација на ковид позитивните пациенти кое остана 7-10 дена, зависно од симптомите.