Растат и одобренија и вредноста на објектите
Пандемијата и кризите кои ја следат не претставуваат сериозна кочница за градежниот сектор во земјва, кој според официјалните бројки и понатаму регистрира раст, како кај бројноста на градбите, така и кај нивната вредност.
Податоците кои ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека во последниве три години, со исклучок на тековната 2022 година, градежништвото континуирано „гради“.
За споредба, ако во 2019 година биле издадени скоро три илјади одобренија за градба, минатата година бројот на одобренија надминува 4.000.
Од ДЗС посочуваат дека во вкупната вредност на извршените градежни работи на објектите во јавниот сектор, градени од деловни субјекти, најголемо учество имаат објектите од транспортната инфраструктура (19,9 отсто во 2011 година, 46,2 проценти во 2016 година и 43,6 отсто во 2021 година), потоа следи групата градежни работи на реконструкција, санација, адаптација, големи поправки и редовно одржување (21,8 проценти во 2011 година, 20,3 отсто во 2016 година и 23,3 проценти во 2021 година).
По нив се нестанбени згради (27,8 отсто во 2011 година, 12 проценти во 2016 година и 5,6 отсто во 2021 година) итн.
– Во годините 2011, 2016 и 2021, најмногу биле градени трисобни станови и нивното учество во вкупно изградените станови се движи од 33 проценти во 2011 година, 33,3 отсто во 2016 година и 29,3 проценти во 2021 година. Потоа следат двособните станови со учество од 23,8 отсто во 2011 година, 28,3 проценти во 2016 година и 32,8 отсто во 2021 година – пишува Државниот завод за статистика.
Согласно нивните податоци, се забележува дека во последните три години, поточно годините 2019, 2020 и 2021, најмногу одобренија за градење биле издадени за објекти од високоградба, и тоа 54,1 проценти во 2019 година, 56,3 отсто во 2020 година и 60 проценти во 2021 година.