Земјите-членки на ЕУ постигнаа договор за планот за гас

Земјите-членки на ЕУ договорија итен план за гас што има за цел да го ублажи влијанието од потенцијален целосен прекин на испораките на руски гас, јави ДПА. Планот предвидува намалување од 15 отсто на потрошувачката на природен гас на земјите-членки меѓу 1 август 2022 година и 31 март 2023 година.

Дополнително, ќе се создаде механизам за активирање на алармирање на целиот блок во случај на голем недостиг на гас и за спроведување на обврзувачки цели за штедење.

Новото драстично намалување на испораките на гас од страна на Газпром е „дополнителен доказ дека Европа треба да ја ограничи својата зависност од руските испораки колку што е можно повеќе“, рече чешкиот министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела, чија земја претседава денеска на Советот на ЕУ.

„Обединувањето и солидарноста се најдоброто оружје што го имаме против рускиот претседател Владимир Путин и сигурен сум дека токму тоа ќе го демонстрираме денеска“, најави Сикела пред претстојниот состанок на министрите за енергетика од земјите-членки во Брисел, на кој ќе одлучуваат за план за ограничување на употребата на природен гас во ЕУ.

Чешкиот министер додаде дека рускиот претседател Владимир Путин стои зад планот на државниот Газпром да ја намали испораката на гас во Европа.

„Путин ќе продолжи да ги игра своите валкани игри во злоупотреба и уценување на снабдувањето со гас“, рече Сикела.

Рускиот енергетски гигант Газпром ненадејно, без претходна најава, го зголеми притисокот во гасоводот што испорачува руски гас во Европа, соопшти денеска украинскиот државен гасовод. Како што предупреди украинската компанија, ваквото зголемување на притисокот е опасно бидејќи може да предизвика вонредни ситуации, вклучително и пукање на гасоводи, а операторите на гасоводот се обврзани однапред да се известат меѓусебно.

Русија продолжи да пумпа гас низ Украина иако двете земји се во војна. Газпром вчера објави дека неговата испорака на гас во Европа преку Украина изнесува 41,7 милиони кубни метри, во споредба со 41,2 милиони кубни метри претходниот ден. „Газпром“, повикувајќи се на наредбата на надзорната агенција, објави дека протокот на гас за Германија преку „Северен тек 1“, кој ја заобиколува Украина, од утре ќе се намали на 33 милиони кубни метри дневно.