Бектеши: Не очекува многу тешка и непредвидлива зима, ќе прогласиме кризна состојба во енергетскиот сектор
„Не очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план која не зависи само од Северна Македонија или од земјите од регионот, туку зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина. Рестрикции на електрична енергија не се очекуваат, дури и доколку имаме забрана за увоз на електрична енергија и гас во земјава. Во август повторно ќе побараме прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор се со цел да имаме можност преку дополнителни мерки да интервенираме во зголемување на производството на електрична енергија од домашни капацитети“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со медиумите на кој информираше за следните чекори и мерки кои ќе бидат превземени се со цел ублажување на ценовните шокови за граѓаните.
Во однос на снабдувањето со гас за престојната грејна сезона, министерот кажа дека се прават напори да имаме алтернативни извори за снабдување, со оглед на тоа што Северна Македонија е целосно зависна од руски гас.
„Доколку успееме во соработка со Булгаргастранс да ослободиме дел од капацитетите од гасоводот кој што го имаме со Бугарија којшто е целосно закупен од Гаспром, тогаш ќе може во услови доколку Русија ни ги стопре испораките на гас, да се снабдуваме со гас од Азербејџан или Турција„ кажа Бектеши.
Министерот информираше дека од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во текот на вчерашниот ден се обезбедени 100 милиони евра за ликвидноста на АД ЕСМ за да може во текот на годината да има средства да купува електрична енергија доколку има недостаток и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство на електрична енергија.
„Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Планирано е да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино, а во моментов треба да ги сочуваме хидроенергетските капацитети за да имаме електрична енергија за зимскиот период“, кажа министерот.