За 6 месеци основани 3.768 фирми: во кои градови и дејности претприемачите виделе можност?
По објавените два серијала на порталот „Пари“, како економскиот амбиент во првото полугодие од годинава се рефлектирал врз ликвидноста на компаниите каде не успеале да преживеаат 4.874 фирими, и вториот анализиран дел кој опфати топ 5 градови по згаснати фирми и каков бил тој тренд минатата година, на ред дојдоа и НОВИТЕ БИЗНИСИ!
Во првите 6 месеци од годинава се отвориле 3.768 фирми, а лани во истот период се отвориле 3.785. Оваа бројка што ја откриваат податоците од платформата БизнисМрежа.мк покажува дека годинава инвеститорите биле дури и повоздржани од пандемиската 2021 година, па за 6 месеци отвориле 17 фирми помалку од истиот период лани. Иако, разликата во бројките е мала, покажува дека, за жал, енергетската криза која почна од крајот на минатата година, и покрај подобрувањата во однос на пандемијата, ги натера инвеститорите да бидат воздржани. Но, исто така, експертите укажуваат и дека растот на цените, како на енергентите, така и на транспортот и на другите суровини, значително удри по ликвидноста на компаниите, па не им остави простор за проширувања и отворања на фирми-ќерки, или на други независни фирми.
Анализата на порталот „Пари“ покажува и во кои градови и во кои дејности најмногу се отвораат фирми. Истовремено, податоците откриваат дали има некаква промена во однос на минатогодишната тенденција.
Во првото полугодие од оваа година, како што е вообичаено, најмногу фирми се отвориле во март – 702, или 18,6 отсто од сите новоотворни фирми.