Владејачката СДСМ утре организира вонредни внатрепартиски избори на кои сите членови кои имаат електронска членка картичка бираат претседател на партијата.
Зоран Заев ја напушта лидерската позиција, а на вонредните внатрепартиски избори учествуваат тројца кандидати. Еден од нив ќе го наследи.
Членовите на партијата на 194 избирачки места ширум државата ќе гласаат за Димитар Ковачевски, Фросина Ременски или Јован Деспотовски.
Од СДСМ денеска информираа дека за времето на соопштување на првичните резултати од утрешното гласање, како и за излезноста, дополнително ќе ја информираат јавноста во текот на утрешниот ден.
Најавуваат дека планирани се и изјави во текот на денот со информации за текот на изборниот процес, како и за изборниот резултат.
Од СДСМ соопштуваат дека преземени се сите неопходни мерки за уредување на гласачките места согласно со препораките за здравствена заштита од КОВИД 19, а целиот изборен процес на денот на гласањето ќе се одвива по строго утврдени протоколи за заштита од коронавирусот.
Изборите ги спроведува Централна изборна комисија, Општински изборни комисии и Одбори во сите општински организации.