„Ана“ е првиот дигитален асистент во ЈП „Водовод и канализација“-Скопје
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје ви ја претставува Ана, дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција кој има за цел да им помогне на граѓаните на Скопје со услугите на јавното претпријатие. Ова е прва и единствена технолошка иновација од ваков вид во јавниот сектор на ниво на нашата државa сѐ со цел побрзо решавање на барањата на граѓаните и подобрување на корисничкото искуство.
ЈП Водовод и канализација – Скопје ја започна оваа иницијатива со цел да им излезе во пресрет на граѓаните и да им помогне во брзо и ефикасно доставување на нивните барања, исполнување на нивните обврски без чекање и во секое време, зголемување на бројот на електронски корисници, а со тоа и да ги направи услугите на претпријатието полесно достапни за граѓаните како и да делува во насока на намалување на трошоците, велат надлежните.
Дигиталниот асистент може навремено да ве известува за планирани и непланирани прекини во водоснабдувањето во реонот во кој живеете во Скопје, може да ви помогне лесно да ги платите и да направите увид во вашите неплатени сметки, да пријавите дефекти на територијата на градот, и да поднесете корисничко барање. Корисниците исто така ќе добиваат брзи и точни одговори за прашања поврзани со услугите на Водовод, како и самата институција.
Дополнително, Ана може да ви помогне да заштедите вода преку советите за штедење на вода кои ќе влијаат на вашите секојдневни навики.
Со воведување на ваков вид на иновација, корисниците на ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе имаат можност да добијат одговори на своите прашања и да поднесат барање без да мора да посетуваат некои од пунктовите или да се јавуваат во Контакт-центарот и на едноставен начин да пристапат до виртуелниот асистент што ќе одговори на сите нивни прашања, во секое време.
Ана е креирана со помош на CodeWell AI, напредна технолошка платформа, која овозможува креирање на паметни дигитални асистенти кои можат да го зборуваат и разбираат било кој јазик со многу висока прецизност и можат да бидат истренирани како експерти во било кое поле.
Од денес со Ана ќе може да зборувате на официјалната веб-страница на ЈП Водовод и канализација – Скопје, мобилната апликација, достапна за Android и iOS, или преку апликациите Facebook Messenger на Facebook страната на претпријатието и Viber.