„Нотарски заведените изјави на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се класична фарса и манипулација на Христијан Мицкоски со членството на партијата, затоа што, според правниците, во нив има низа правни недостатоци, што би значело дека тие се неважечки, незаконски и противуставни. Тоа ја покажува очајната манипулација „исто како и со маиците кои ги носеа и на кои пишува НЕ, а ги повикуваа граѓаните на протест и го делеа народот, но во Собранието не се изјаснија ниту ЗА, ниту НЕ“.
Ова го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
На сличен став е и адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е поранешен судија. Тој на Фејсбук напиша дека нотарските изјави што ги потпишаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се ништовни и не произведуваат правно дејство.
„Не знам кој ве советува во однос на изјавите што ги заверувате на нотар, но знам дека советникот требало да ви каже дека таквите изјави се ништовни од причина што во изјавата е содржано неуставното име на државата и не може да произведе правно дејство ниту спрема државата ниту спрема давателот на изјавата. Со оглед на содржината на изјавата се поставува прашање за правниот основ за заверка кај надлежен нотар бидејќи дел од содржината е во директна спротивност со Уставот“ – напиша Туфегџиќ.
Нотарските изјави вчера ги посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција, а веднаш потоа дел од пратениците ги објавија на социјалните мрежи.
Сите се со иста содржина во која пишува дека нема да се гласа за внесување на бугарскиот народ во преамбулата или во која било одредба од Уставот. Изјавите не се потпишани со уставното име, но експертите оценуваат дека од правен аспект, заверувањето на изјава каде што не е употребено уставното име, не е во спротивност со законот, бидејќи изјавата на странката при нотарскиот чин е еднострано право, и не се вкрстува со овластувањата на нотарот кој го заверува идентитетот и го заверува актот.