Војната во Украина покажува дека доминацијата на Западот е при крај и дека Кина се издигнува до статус на суперсила во партнерство со Русија, во една од најзначајните пресвртници во историјата, изјави поранешниот британски премиер Тони Блер.
Според Блер, светот се наоѓа на историски пресврт што може да се спореди со крајот на Втората светска војна или со распадот на Советскиот Сојуз, со тоа што овојпат Западот очигледно не е во предност, ниту во пораст на моќта, пренесува „Ројтерс“.
„Доаѓаме до крајот на западната политичка и економска доминација. Светот ќе биде барем биполарен, а можеби и мултиполарен. Најголемата геополитичка промена на овој век ќе дојде од Кина, а не од Русија – рече Блер за време на предавањето на тема „Лекции за западните државни лидери по војната во Украина“, на форумот на поддржувачи на сојузот меѓу САД и Европа.
На собирот одржан во елитниот конгресен центар Дичли Парк, западно од Лондон, Блер потсети дека руската инвазија на Украина однесе илјадници животи и ја предизвика најсериозната меѓународна политичка криза меѓу Русија и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година кога многумина стравуваа дека светот е на работ на нуклеарна војна.
Блер рече дека рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот дека објавува економска војна, обидувајќи се да ја изолира руската економија со санкции и рече дека Русија ќе се сврти кон Кина и Индија.
Војната во Украина, според Тони Блер, јасно стави до знаење дека Западот не може да се потпре на Кина и не може да очекува Пекинг „да се однесува на начин што Западот го смета за рационален“, бидејќи кинескиот претседател Си Џинпинг продолжи да го поддржува Путин и да ги критикува злоупотребите предизвикани со воведувањето на западните санкции.
„Местото на Кина како велесила е природно и оправдано. Тоа не е Советскиот Сојуз, но негови сојузници веројатно ќе бидат Русија и Иран. Западот не треба да дозволи Кина воено да ја престигне“ – предупреди Блер.