Теодора Генчовска – министерката за надворешни работи на Бугарија вели дека нејзината земја „не прави отстапки за признавање на македонскиот јазик и нејзината позиција ќе ја гарантира со едностраната декларација што ќе ја достави до ЕУ, но и дека Бугарија не може да ги убеди останатите 26 земји-членки на ЕУ да го прифатат нејзиниот став“.
„Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 земји-членки, сепак, тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став. Но, бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка“ – рече Генчовска.
Важно е, додаде таа, дека ниту еден документ не може да се сфати како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, а тоа ќе биде јасно со едностраната декларација што ќе ја достави земјата до Брисел.
Генчовска на оваа тема зборуваше на брифинг со бугарските новинари одржат по потпишувањето на билатералниот протокол со нејзиниот колега Бујар Османи, во рамки на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, согласно членот 12 од Договорот за добрососедство.
Одржувањето на состанокот на комисијата е важен момент од кои најважен резултат е протоколот, смета таа.
„Тој содржи исклучително амбициозни, краткорочни и долгорочни мерки чија цел е да решат многу од отворените прашања. Она што треба да се напомене е дека ова не е документ сам по себе туку е составен дел од пакетот на т.н. француски предлог.Оттука натаму ќе продолжиме со работа на ниво на експерти со колегите од Република Северна Македонија“ – рече Генчовска.