Османи и Генчовска утре во Софија ќе го потпишат протоколот

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вечерва одржа брифинг за новинарите на кој ги запозна со протоколот.

Тој утре патува во Софија каде со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска ќе го потпишат протоколот.

„Во рамки на средбата ќе се направи преглед на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и ќе се договорат мерки за негово ефикасно спроведување во следниот период. За таа цел ќе биде потпишан протокол помеѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Теодора Генчовска и Бујар Османи“ потврдија од МНР за Трилинг.

Ова ќе биде втор состанок на мешовитата меѓувладина комисија, неговиот старт е закажан во 10 часот по локално време, а одржувањето е согласно членот 12 од Договорот за добрососедство од 2017 година.

По состанокот, се очекува двајцата шефови на дипломатиите да одржат и прес-конференција.

Ова ќе следува откако денеска Собранието на Северна Македонија ги изгласа заклучоците за францускиот предлог, а Владата потоа одлучи да го прифати предлогот.