Отворена е истрага против маж од Нов Зеланд кој, според информациите од тамошните здравствени власти, 10 пати се вакцинирал против Ковид-19 и тоа во само еден ден. Наводно, тој добил пари за да ги прими вакцините во име на други луѓе, јавуваат дел од тамошните медиуми.
Од Министерството за здравство на Нов Зеланд изразуваат загриженост.
„Ние сме многу загрижени за оваа ситуација и работиме со соодветните агенции. Да се има неточен вакцинален статус не само што ве става во ризик, туку ги става во ризик и вашите пријатели, семејството и заедницата, како и здравствените тимови кои ве лекуваат сега и во иднина“ – велат од МЗ.
Според нивните протоколи, во Нов Зеланд луѓето не мора да покажат идентификација кога примаат вакцина.
Околу 89 отсто од жителите на Нов Зеланд се комплетно вакцинирани.