Марјан Бојаџиев: Француски предлог – Бугарски протокол ( : Одговор на Макрон

Универзитетскиот професор Марјан Бојаџиев во колумна ги открива своите размислувања поврзани со францускиот предлог.

Францускиот предлог е одличен – Протоколот е ужас (1)

Одговор на отвореното писмо на францускиот претседател, Емануел Макрон

Овој одговор е личен став на д-р Марјан Бојаџиев, универзитетски професор, и на ниеден начин не може да се поврзе со ниту една установа или организација со која е афилиран.

Текстот се објавува врз основа на лиценцата CC BY-NC-ND и не смее да се користи во комерцијални цели. Секое копирање и умножување е забрането, освен за лични потреби.

Почитуван г. Макрон,

Во Вашето обраќање велите: „Повторно, Северна Македонија се наоѓа пред клучен момент од својата историја. “

Јас би додал: „Ни крива ни должна.“

Дваесет години по Лисабонската декларација[i], за жал, повторно имаме историски момент.

Предлогот на Европската Унија има една мана: „Протоколот“, доколку тој остане во сегашната форма! (Протоколот не е објавен досега, јас ја користам верзијата која ја објави Дојче Веле)[ii]

Изборот е наш.

Ние, граѓаните на Македонија, од стекнување на независноста покажавме голема политичка мудрост. И секогаш бевме исправени пред неправди. Во 1991 година, францускиот правник Бадентер нè прогласи за единствена република од поранешната СФРЈ, заедно со Словенија, која е подготвена да стане независна држава. Па Европската комисија не го зеде предвид тоа мислење и предложи признавање на Словенија и Хрватска.

Ги поминавме ембаргата кон Србија и од Грција, го имаме Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за пријателство со Бугарија.

Г. Макрон, за жал, го поминавме и Вашето блокирање да отпочнеме преговори во 2019 – та година, иако го сменивме името.

Со таквото однесување, Вие успеавте од ЕУ да направите партнер без кредибилност. Да не нè блокиравте ни криви ни должни во 2019-та година, денес ќе бевме длабоко во преговарачкиот процес.

Велите „Нема да ви кажам дека овој договор е совршен, но ќе ви го расчисти европскиот пат. Како и секој договор, така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа. Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонскиот јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет.“

Овде имаме неколку проблеми, господине Макрон. Ако добро Ве разбирам, Вие тврдите дека компромисот е следен: „ЕУ дозволува граѓаните на Македонија да се нарекуваат Македонци кои говорат македонски јазик, а Република Северна Македонија ќе го потпише Протоколот 2?“

Г. Макрон, вие велите: Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонскиот јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет.“

И апсолутно сте во право. Проблемот е што вие сметате дека е тоа дел од компромисот! Демек „ние, Европејците, им даваме право на овие Балканци, да се нарекуваат Македонци“. Господ да чува!

Идентитетот и јазикот се природно право и никој, ама баш никој, не може да го прифаќа или да не го прифаќа. Истото е напишано во членовите 2 и 15 од Универзалната декларација за човекови права.

Велите, „нацрт-договорот беше предмет на интензивна дебата. Но, на крајот, бугарското собрание знаеше да ја преземе одговорноста, со широко и натпартиско гласање.“

И македонското собрание треба да го усвои Договорот со 9/10 мнозинство, под услов да го нема Протоколот 2.

Или уште подобро, под услов навистина да се постигне компромис. За компромис се доволни само две реченици и тоа во две или три различни опции. Бирајте која ја сакате повеќе.

ОПЦИЈА 1

Во Договорот за добрососедство со Бугарија, по членот 2, да се вметне член 2.1 кој би гласел: „Република Бугарија на никаков начин нема да го блокира процесот на влез на Република Северна Македонија во ЕУ поради билатерални прашања. Истите ќе се решаваат во духот на заемна соработка и доверба.“

Само на ваков начин би имале разговори на две рамноправни страни.

ОПЦИЈА 2а, член 8 точка 2

Во Договорот за добрососедство со Бугарија, по членот 8 т.2 , да се вметне точка 2.1 која би гласела: Доколку Заедничката експертска комисија не може да постигне согласност за заедничко толкување на историски настан на научна основа, ќе се констатираат двете научни гледишта и како такви ќе бидат усвоени од двете страни.

ОПЦИЈА 2б, член 8 точка 2

Во Договорот за добрососедство со Бугарија, по членот 8 т.2, да се вметне точка 2.1 која би гласела: Доколку Заедничката експертска комисија не може да постигне согласност за заедничко толкување на историски настан на научна основа, Европската комисија ќе формира тричлена комисија од научници од земји членки на ЕУ прифатливи за Република Бугарија и за Република Северна Македонија.Мислењето на оваа тричлена комисија ќе биде задолжително за двете договорни страни.

Господине Макрон, ова би бил компромис.

Инаку, да не изумиме, по основа на промена на Уставот, што се однесува до мене лично, апсолутно нема никаков проблем. Доколку три илјади и кусур граѓани се посреќни поради тоа, веднаш да го спроведеме.

Срдечен поздрав

Марјан Бојаџиев