Претседателот на САД – Џо Бајден на виртуелниот Самит за демократија, на кој присуствуваа околу 100 земји изјави дека на демократијата и се потребни „шампиони“.
„На демократијата во светот и се потребни шампиони, за да се спротивстави на големите и загрижувачки предизвици“ – рече Бајден од Белата куќа.
Тој рече и дека дури и САД „мора постојано да се борат за да останат на висината на своите демократски идеали“, додавајќи дека ниту една поканета земја „не е совршена“.
Бајден повика со заеднички сили да се спротивстават на „автократите“ кои „ги оправдуваат нивните репресивни политики и практики како најефективно средство за соочување со предизвиците во моментот“.
„Тие сеат семе на сомнеж во капацитетите на демократските држави, во нивната ефикасност околу грижата за своите граѓани“ – рече тој.
Другите лидери зборуваа за состојбата на демократијата потенцирајќи го влијанието кое новите технологии го имаат врз нивните земји. Се пожалија и на зголемувањето на кампањите за дезинформација со цел поткопување на демократските институции и изборните процеси во нивните земји.
На Самитот за демократија не беа поканети да учествуваат Русија и Кина.
Од шесте држави од Западен Балкан на виртуелната средба не е поканета само Босна и Херцеговина.