ССМ со колективна тужба за неусогласување на колективните договори со Законот за минимална плата

ССМ ќе поднесе колективна тужба за неусогласување на колективните договори согласно со Законот за минимална плата. Тужбата ќе биде поднесена пред домашните и странските судови.
Ова денеска го најави првиот човек на ССМ, Дарко Димовски.

„ССМ ќе поднесе колективна тужба пред домашните судови и пред Советот на Европа по основ на непочитување на колективните договори, непостоење на социјалниот дијалог, кој во минатото го имавме, како и по основ на усогласување на законите со колективните договори“ – изјави Димовски по денешната седница на Претседателството на ССМ.

Тој ја повика Владата доколку навистина има волја да ги усогласи колективните договори, тоа јавно да го каже и да се потпише спогодба со која ќе биде загарантирано усогласувањето на останатите плати со порастот на минималната плата.

„Ако Владата навистина е подготвена да ги усогласи колективните договори согласно порастот на минималната плата, нека каже. До септември, ние работниците ќе најдеме начин како да преживееме, ама да знаеме и да потпишеме спогодба со која ќе ни бидат загарнтирани 18,4 проценти од септември“ – рече Димовски и потенцираше дека „ССМ не бара зголемување, туку усогласување на сите плати согласно порастот на минималната плата“.