Судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите се најкорупирани, сматаат граѓаните, а ова го покажува истражувањето за проценка на корупцијата спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
80 проценти од анкетираните сметаат дека желбата за брзо богатење на оние кои се на власт влијае на широката распространетост на корупцијата, а значен фактор е и недостатокот на строга административна контрола на корупцијата, неспроведувањето на законите и недоволната заштита на лицата кои пријавуваат корупција.
„Иако околу една третина од граѓаните (33,7 проценти) биле изложени на коруптивен притисок, а 32,9 проценти биле вклучени во корупција, сепак, корупцијата останува неказнива. Овој процент, претворен во апсолутни бројки, под претпоставка дека се работи за поединечни случаи, покажува дека станува збор за потенцијално над 550.000 сторени дела. Во 2020 година, вкупно 82 лица биле осудени за злоупотреба на службената положба или поткуп, односно, стапката на ефикасност на институциите од 0,015 проценти, толкав е процентот на случаи кои се обработуваат наспроти оние кои претпоставуваме дека се случуваат“ наведуваат МЦМС.
Мал број од граѓаните или само четири проценти се изјасниле дека би платиле поткуп, а 17 проценти би платиле доколку можат да си дозволат. За разлика од нив, 45 проценти не би платиле во никој случај, а 31 процент не би платиле доколку има друг начин да го решат проблемот.
Речиси три четвртини од граѓаните сметаат дека постои веројатност или голема веројатност за коруптивен притисок и во иднина.